Бескаматни кредити за микро и мали компании

Во текот на оваа недела, Владата во соработка со Европската Унија изврши промоција на новата линија бескаматни кредити Ковид 3. Со оваа линија се распределуваат средства од 31 милиони евра помош.

На јавниот повик објавен од Развојната банка на Северна Македонија (РБСМ) може да се обратат сите микро и мали трговски друштва (ДООЕЛ, ДОО и сл.), како и трговците поединци (ТП) и занаетчии кои се погодени од коронакризата во текот на оваа година.

Услов кој треба да се исполни е компанијата да биде домашен субјект од било која дејност во 51% приватна сопственост, и да има 20% пад на приходите во текот на 2020-та година споредбено со истиот период во 2019-та. Минимален износ на кредит за кој ќе може да се поднесе барање е 3.000 евра, а максималниот износ изнесува 5.000 евра за трговец поединец и занаетчија, како и 15.000 евра за микро и мали трговски друштва (ДОО, ДООЕЛ и сл.). Кредитот има рок на отплата од 3 години, и вклучен грејс период од 6 месеци.

Со оваа трета кредитна линија се очекува да се помогне на речиси 2.000 микро и мали субјекти, а со средствата да се помогне за финансирање на компаниите и нивните тековни потреби, реализирање на проекти, воведување нови начини на продажба, нови услуги, поголема ликвидност, како и полесно справување со економските последици од кризата.

Новини во третата кредитна линија

Со Ковид 3 како новина е воведена и грант компонента од 30% која може да се добие од корисниците на кредитната линија. Оваа грант компонента се однесува на следните категории субјекти:

  • Категорија 1: Субјекти со жена-управител, или пак најмалку 50% од сопственичката структура се жени
  • Категорија 2: Субјекти управувани од млади лица до 29 години согласно европската дефиниција за млади, или пак најмалку 50% од сопственичката структура се млади
  • Категорија 3: Субјекти кои се извозници, односно уделот на приходите од странство во вкупните приходи е најмалку 50%
  • Категорија 4: Субјекти кои реализираат активности/проекти во областа на: зелена економија, модернизација и дигитализација на деловните процеси преку набавка на опрема или воведување нов начин на продажба, како и иновација од аспект на воведување на нови производи и нови услуги

Задолжителни документи за аплицирање

Која документација е потребна за да се аплицира за оваа линија на кредити?

  • Кредитно барање
  • Апликација за регистрација на клиент
  • Доказ за немање на достасани неплатени даноци и придонеси кон државата (Потврда од УЈП)
  • ЗП образец
  • Изјава за поврзаност со други правни/физички лица
  • Изјава за постоење својство на носител на јавна функција
  • Изјава за проверка на кредитна изложеност
  • Aналитичка картица на сметка 121 побарувања од купувачи во странство
  • Тековна состојба не постара од 6 месеци,
  • Годишна завршна сметка (со 31.12.2019)
  • Доказ дека не е отворена стечајна, односно ликвидациона постапка

Како да аплицирам?

Аплицирањето за помош започнува од 16-ти декември 2020-та (00:01) и завршува на 30-ти декември 2020-та (23:59), а ќе се прави електронски на следната адреса: kreditiranjecovid3@mbdp.com.mk. Повеќе информации можат да се погледнат на официјалниот веб сајт на РБСМ.

Ти треба помош за изработка на документација за аплицирање?

Дали ти треба професионална помош за поднесување на оваа документација?

T-CONSULTANTS Ви стои на располагање во секое време. Контактирај те не на contact@t-consultants.com или на 076454900 Игор